26 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Три лица од Скопје се под истрага за фалсификување документи и незаконско учество во јавни тендери, по полициска акција спроведена по наредба на Јавно обвинителство, објави Koha.mk.
Според информации на медиумот, станува збор за лицата со иницијали Б.Г. (39), В.Р. и Н.С.Б., кои биле приведени, а потоа пуштени и ќе се бранат од слобода. При претресите во нивните домови биле запленети материјали и докази кои се поврзуваат со тековната истрага.
Акцијата е поврзана со сомневања за прекршување на членовите 378 и 380 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Според истрагата, постои сомнеж дека осомничените фалсификувале документација со која учествувале на јавни тендери во државни институции, главно во рамки на Општина Чаир.
Дополнително, KOHA објави дека еден од осомничените, 39-годишниот Б.Х., е раководител на сектор на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој, според информациите, претходно бил ангажиран и во тим на политички лидер во главниот град.
Порталот Инфомакс, повикувајќи се на свои извори, објави дека Б.Х. е во роднинска врска со поранешниот вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити. На неговите профили на социјалните мрежи, како што наведуваат, имало објави поврзани со политичката платформа „Влен“ и самиот Меџити.
Од Основното јавно обвинителство Скопје потврдија дека постапуваат во предистражна постапка, нагласувајќи дека истрагата е во тек и дека дополнително ќе се утврдува дали и за колку лица ќе биде покрената официјална постапка.
– Основното јавно обвинителство Скопје, во координација со МВР, постапува за испитување на сомненија за сторени кривични дела по член 361 од Кривичниот законик – „фалсификување на службена исправа“ и член 380 – „употреба на исправа со невистинита содржина“. Обезбедени беа наредби за претрес од Основниот кривичен суд Скопје и извршени се претреси на две локации – информираат од Обвинителството.
Според Кривичниот законик, за делото „фалсификување исправа“ е предвидена парична казна или казна затвор до три години, додека за „употреба на исправа со невистинита содржина“ исто така е предвидена парична казна или затвор до три години.
Истрагата продолжува, а надлежните институции најавуваат дека по нејзиното завршување ќе бидат познати сите околности и евентуалната кривична одговорност на инволвираните лица.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

