македонија12 февруари 2025 Познато лице од македонската сцена уапсено – Дали е дел од нарко-синџир?
Дарко Голубовски – Кнеле, познат од спотот на песната „Алал Вера“ на раперот Слаткаристика и како гостин во една од епизодите на Лазаров Подкаст, е уапсен под сомнение за поседување на околу 4,5 килограми кокаин. Според информациите, тој наводно ја чувал дрогата за познатиот нарко-бос Раде Трајковски – Штекли.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека со ова апсење се проширува групата на Штекли, кој веќе се наоѓа во притвор. Јанев истакна дека се одземени над 4 килограми кокаин од оваа група и дека борбата против недозволената трговија продолжува.
Според Обвинителството, по анализа на материјалните и видео докази, обезбедени при претресите на 18 и 19 јануари, уапсени се две лица. Тие се сомничат за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“. При претресите, во домот на едно од лицата во Гевгелија, пронајдени се 3,5 килограми кокаин сокриени во бункер на патничко возило, а дополнително е пронајден уште еден килограм кокаин.
Во скопските кругови, Дарко Голубовски е познат како фигура која често се поврзува со подземјето и е виден во друштво на различни личности од тој свет.