Потресни изјави на родителите на загинатите во Кочани: Децата ни се во гробовите, а виновните на слобода
Со солзи, гнев и болка што не стивнува, денеска во Кочани се одржа уште еден протест во организација на семејствата на трагично загинатите млади. Под мотото „Задоцнета реакција“, маршот започна од градскиот плоштад, продолжи покрај Трговскиот центар, Општината, зградата на МВР и заврши пред Основниот суд. Секој чекор одеше со тишина, но и со пораки кои громогласно одекнаа во јавноста.
Мајка на едно од загинатите деца се обрати до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со зборови што го разрежаа воздухот:
„Да го прашам министерот Тошковски – од каде се купуваат дипломи? Каде се купуваат лиценци? Сите се на слобода, а нашите деца – под земја.“
Нејзината исповед беше потресна. Раскажа дека нејзиното дете било најдено на чекор од излезот – сè уште мирисало на парфем. „Да им помогнеше некој – ќе беа во болница, не во гробишта“, рече таа. Додека таа и останатите родители се борат за правда, како што вели, „газдарицата на дискотеката слободно се шета низ градот“.
Девојче кое вечерта било во дискотеката, низ солзи сведочеше:
„Му велев на полицаецот: не стој, влези, помогни! Луѓето внатре умираа, а тој само гледаше.“
Семејствата гневно реагираат на текот на истрагата. Велат – никој не е виновен, сите се пуштени на слобода, а некои веќе се надвор од земјата.
„Некои се шетаат низ Дубаи, а ние го бараме одговорот – кој ќе одговара за нашите деца?“, прашуваат родителите.
Протестот заврши мирно, но пораката беше јасна – ова не е крајот на нивната борба. Тие бараат правда, отчет и одговорност. Бараат системот конечно да застане на страната на вистината.