20 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Вистинска конфузија настана околу владиниот проект за доделување ваучери за електронски уреди на студенти, откако дел од постдипломците – студенти запишани на мастер студии – успеале да се пријават и да добијат државни ваучери од 250 евра, иако не ги исполнуваат пропишаните услови.
Според правилата објавени со јавниот повик, право на ваучер имаат само студенти запишани на прв циклус студии, кои не се постари од 29 години, без разлика дали студираат редовно или вонредно. Ваучерите можат да се искористат до крајот на годината во однапред определени продавници за електроника.
По падот на веб-страницата за аплицирање уште првиот ден, дел од студентите на мастер студии вчера и денеска се обиделе да аплицираат – и системот им го одобрил ваучерот. Новината брзо се прошири, по што надлежните институции реагираа со дополнителни проверки.
Властите го информирале оваа група апликанти дека, иако технички добиле ваучер, нема да имаат можност да го реализираат за купување компјутер, таблет или мобилен телефон, бидејќи не се во категоријата која има право на финансиската помош.
Паралелно со ова, во јавноста се појавија информации дека некои од студентите кои легитимно го добиле ваучерот се обидуваат да го продадат. Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека ваквата постапка е на совеста на самите студенти и дека Министерството нема механизам да го спречи тоа.
Право на државниот ваучер имаат околу 55.000 студенти од прв циклус, а процесот на пријавување ќе трае до 20 декември. Проектот има за цел да го поттикне дигиталното опремување на младите и да го олесни нивниот пристап до современа технологија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

