07 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Исламската верска заедница (ИВЗ) во Македонија свечено ја отвори новата џамија во селото Татеш, Струшко, но вниманието на јавноста го привлече контроверзниот избор на еден од гостите — Никола Џуфка, самопрогласен поглавар на таканаречената Автокефална православна црква во Косово.
Според порталот Религија.мк, Џуфка не е признаен како легитимен архиепископ од ниту една канонска православна црква, вклучително ни од Албанската православна црква. Тој е познат по својот отворен национализам, често носејќи симболи на „Голема Албанија“ во црковни простори, па дури и украсувајќи олтари и иконостаси со такви мотиви, како што може да се види на неговиот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
На свеченоста присуствувале и поглаварот на ИВЗ, реисул-улема Х. хафиз Шаќир еф. Фетаи, Генералниот секретар Х. Ирсал еф. Јакупи, муфтии од неколку градови, како и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
Присуството на Џуфка предизвика бурни реакции, особено поради неговото проблематично делување во Косово, каде што е обвинет за нелегално присвојување православни цркви кои припаѓаат на Српската православна црква. Косовскиот писател и политичар Ветон Сурои го нарече Џуфка „лажен пророк“ и посочи дека неговото дејствување ги поткопува и верските канони и косовскиот уставен поредок, заснован на планот на Ахтисари.
„Од правен аспект, Џуфка влегува во објекти кои традиционално ѝ припаѓаат на Српската православна црква, што претставува не само светогрдие, туку и директно кршење на уставно-правниот поредок на Косово“, изјави Сурои.
Аналитичарот Агрон Малиќи, пак, саркастично го спореди Џуфка со астронаут, велејќи: „Џуфка е православен свештеник исто колку што јас сум астронаут на НАСА“.
Поканата на ваква контроверзна личност од страна на ИВЗ отвора сериозни прашања за политичката и идеолошка ориентација на верски настани во земјата, особено во еден чувствителен мултиетнички и мултирелигиски контекст каков што е македонскиот. Останува да се види дали ИВЗ ќе понуди објаснување за ваквиот избор на гостин.