09 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Во Македонија се продлабочува демографскиот дисбаланс – бројот на постари лица континуирано расте, додека бројот на млади и работоспособно население се намалува. Овој тренд отвора сериозни прашања за одржливоста на пензискиот и социјалниот систем, предупредуваат ревизорите во најновиот извештај кој треба да биде објавен утре.
Според наодите од ревизијата, состојбата со грижата за старите лица е особено загрижувачка. Капацитетите во домовите за стари лица се ограничени, а услугите за нивна нега и поддршка остануваат недоволно развиени.
„За жал, и во овој сегмент констатираме разочарувачка состојба. Нашата популација старее со забрзано темпо. Бележиме пад на младата популација, загрижувачки податоци за работоспособното население, како и сериозни недостатоци во капацитетите за сместување и услугите за грижа за старите лица“, изјави главниот ревизор Максим Ацевски.
Тој нагласува дека се неопходни итни и суштински реформи во пензискиот систем, имајќи предвид дека трендот на намалување на бројот на вработени и раст на бројот на пензионери трае веќе подолг период.
„Постои јасна потреба од интензивни реформи во пензискиот систем. Се соочуваме со ситуација во која од една страна имаме сè поголем број корисници на пензија, а од друга страна сè помал број на вработени кои го полнат системот“, додаде Ацевски.
Според последните податоци од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во Македонија има вкупно 346.386 пензионери. Просечната пензија изнесува нешто над 27.000 денари. Од вкупниот број корисници, 71,61% се корисници на старосна пензија, 21,22% на семејна пензија, а 6,96% на инвалидска пензија.
Експертите предупредуваат дека без системски промени – како поттикнување на вработеноста, задржување на младите во земјата и подобрување на социјалните услуги – притисокот врз пензискиот систем ќе продолжи да расте, што може да доведе до сериозни финансиски и социјални последици во иднина.
Албански експерт: Без Албанците, Северна Македонија ќе се распадне за 24 часа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

