16 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Секторот за внатрешни работи – Штип поднесе кривична пријава против 43-годишниот А.Ч. од Штип, вработен во СВР Штип, поради сомнение дека сторил кривични дела „непријавување на кривично дело или сторител“ и „помагање на сторител по извршување на кривично дело“. Според пријавата, тој на 2 октомври 2025 година, додека бил на работното место, свесно пропуштил да пријави тешко кривично дело и се обидел да прикрие траги кои би довеле до откривање на сторителот.
Настанот е поврзан со физички напад врз Умут Скопко – кандидат за советник во Општина Виница од партијата Демократски сили на Ромите, која е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, Инфомакс објави дека Скопко бил нападнат по вербална расправија што започнала во ресторан.
Според информациите, осомничениот и оштетениот ја продолжиле расправијата пред објектот, каде напаѓачот го фатил Скопко за јакната и го удрил повеќе пати со тупаници во пределот на стомакот. Физичката пресметка продолжила со туркање и фрлање камења.
И покрај обидите на присутните да ги разделат, во еден момент осомничениот со камен го удрил оштетениот во задниот дел од главата. Од силниот удар, Скопко паднал во бесознание. Лекарските прегледи утврдиле тешка телесна повреда – скршеница на черепот, поради која тој се наоѓа во кома, е неконтактибилен и неговиот живот е сериозно загрозен.
Според кривичната пријава, вработениот во СВР Штип свесно прикривал докази и предмети поврзани со нападот, со што му обезбедил на сторителот предност и можност да не биде откриен од истражните органи. Со тоа, тој не само што не го пријавил тешкото кривично дело, туку и активно учествувал во попречување на истрагата.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено поради тоа што во нападот е тешко повреден политички активен претставник и затоа што во скандалот е инволвиран службеник на МВР. Истрагата продолжува.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

