14 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пожарот што вчера попладне избувна во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево е ставен под целосна контрола по 15 часа, изјави утрово Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Нема активно горење, но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места. Делот каде што се наоѓаа литиумските батерии е затрупан со песок, а пожарникарите постојано го навлажнуваат за да се намали чадот. Ваквиот електронски отпад е исклучително тежок за гаснење,“ истакна Ангелов.
Пожарот започна вчера околу 13:30 часот во штала наменета за складирање отпадни електрични материјали и за кратко време предизвика густ црн чад што се прошири и кон неколку соседни објекти.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, потврди дека инспекторите од вчера попладне вршат мерења на квалитетот на воздухот, а резултатите ќе бидат објавени веднаш по обработката.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека радијација не е измерена, но во близина на пожарот е регистрирана висока концентрација на штетни супстанции. На жителите во радиус од 150 метри им е препорачано да ги напуштат своите домови. За нив се обезбедени 450 легла во Центарот за обука во Идризово. Според мерењата на Министерството за одбрана, загаденоста на 200 метри е ниска, а на 400 метри од изворот не е регистрирано загадување.
Во меѓувреме, по насока на јавниот обвинител, во полициска станица се водат разговори со управители и сопственик на компанијата.
Ангелов претходно предупреди дека Македонија може да биде цел на хибриден напад, имајќи предвид дека за кратко време се случија неколку големи пожари кои предизвикуваат значително загадување.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е целосно информирана за ситуацијата со пожарот во Трубарево, како и за пожарите на депониите Вардариште и Дрисла. Таа е во постојана комуникација со надлежните институции и, доколку има потреба, ќе биде свикан Советот за безбедност.
Чупеска: Владата се крие зад „хибридни напади“ наместо да решава проблеми
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден