Почна нов бран поскапувања: Хигиенските производи и основните намирници со најголем раст на цените
Со завршувањето на владините мерки за замрзнување на цените, купувачите во маркетите ги дочекаа нови, значително повисоки ценовници. На рафтовите најголемата разлика се забележува кај хигиенските производи: влажните марамчиња од вчерашни 60 денари сега чинат 100, а тоалетната хартија порасна од 95 на 140 денари. Поскапување има и кај прехранбените производи — кечапот кој чинеше 50 денари сега надминува 60, маслото за јадење се зголеми од 89 на 92 денари, а корекции на цените има и кај јајцата, млекото, сирењето, соковите, па дури и пастата за заби.
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски објаснува дека ваквото сценарио е очекувано, бидејќи административните мерки за ограничување на цените и маржите даваат само краткорочен ефект. „Мерките се со лимитиран карактер и не можат да влијаат на елиминирање на порастот на цените, особено што ние како пазарна економија треба да внимаваме. Вакви административни мерки се можни единствено за кратки периоди и на ограничен број производи,“ вели Ивановски.
Од Стопанската комора на трговци на големо и мало појаснуваат дека маркетите не се виновни за новите поскапувања, туку дека вината е кај производителите и дистрибутерите. „Тоа нагло поскапување на цените е од увозниците и производителите. Ние како маркети само додаваме одредена маржа која што не е толку голема. Како што добиваме нови ценовници, мора да ги креваме цените. Не сме фактор да ги ограничиме увозниците и производителите,“ изјави Ладо Гега од комората.
Ивановски дополнува дека ситуацијата е комплексна и не е лесно да се утврди кој точно ја носи одговорноста за поскапувањата. „Јасно е дека и производителите ги имаат истите инфлаторни очекувања и ја антиципираат инфлацијата, па додаваат проценти на своите производи. Тешко е рационално да се утврди големината на маржата која би ги задоволила и трговците и производителите,“ додава професорот.
Владата и Министерството за економија најавија засилени инспекции за да се спречи наглото поскапување и најавија дека деновиве ќе се објават пресметките колку граѓаните заштедиле додека мерките беа во сила.