01 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Еден од двајцата осудени гинеколози за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното новороденче, Венци Чалков од Гевгелија, почина неколку дена откако беше јавно објавена одлуката на Врховниот суд. Тој е третиот од вкупно четворицата здравствени работници обвинети во случајот што го одбележа десетгодишниот судски процес, а заврши во трка со времето и законскиот рок за застарување.
Трагичното породување, извршено со царски рез, се случи на 22 октомври 2015 година во Општата болница Гевгелија. Според судските списи, интервенцијата била организирана предвреме, без индикација за итност и без навремено комплетирање и координација на медицински тим.
Врховниот суд делумно ја прифати жалбата на Вишото јавно обвинителство Скопје и пролетва ја преиначи условната казна од 15 октомври 2025 година, претходно изречена од Апелациониот суд Скопје, во ефективна затворска казна од 10 месеци за Чалков. Во однос на вториот обвинет гинеколог, Дончо Москов од Дојран, Врховниот суд ја отфрли неговата жалба и му ја потврди алтернативната условна казна од шест месеци затвор, која ќе се активира само доколку во наредните две години стори ново кривично дело.
Во случајот беа обвинети и двајца анестезиолози – Зоран Јовановски, кој починал во текот на истрагата, и Томе Ванчев, кој починал пред две години, пред финализирањето на процесот.
Сите четворица здравствени работници биле гонети за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“, според член 217 став 4 од Кривичниот законик на Северна Македонија, дело за кое е предвидена казна од шест месеци до пет години затвор.
Сопругот на починатата родилка, Димитрие Кадиев, со горчина и револт ги преживува последните случувања. Тој истакнува дека породувањето било најавено за 2 ноември, но анестезиологот Чалков предложил интервенцијата да се изврши порано поради државниот празник 23 Октомври, со страв дека во болницата може да нема доктор на дежурство.
„Десет години ја чекав правдата. Никогаш не можев да претпоставам колку долга и макотрпна ќе биде битката. Во два наврати судијката Габриела Гајдова ги ослободуваше гинеколозите, а за украдени ќебапи пресудила три години затвор. Жалбата три години стоеше во фиока кај судијата-известител од Апелација, а резултатот е – доверба во судството од само два отсто“, изјави Кадиев, додавајќи дека верува дека системот потфрлил во секој можен сегмент.
Првата осудителна пресуда за гинеколог во Македонија, по смрт на родилка поради обилно крварење, била изречена во 2006 година од Основниот суд во Велес. Тоа бил случајот од 3 јуни 2003 година од Општата болница Велес, со родилката Бојанка Игнова. Тогаш бил осуден гинекологот Панче Арсов на 18 месеци затвор. Процесот го водел судијата Валентин Зафиров и завршил со правосилност за три и пол години – релативно брз исход во споредба со децениската голгота на семејството Кадиеви.
Минатата недела, пак, Основниот суд во Струга досуди максимална казна од три години затвор за струшкиот гинеколог Мухамед Асани, по интервенција во која на родилката Јилдиз Веашоска од Дебар ѝ биле отстранети матка, бубрег и јајник. Процесот таму траел само три години, а пресудата сѐ уште не е правосилна.
Во пресудата на Врховниот суд експлицитно се наведува дека Чалков бил организатор на операцијата, која била закажана без индикација за итност, без обезбедена екипа и без координација на тимот. Дополнително, двајцата гинеколози се согласиле царскиот рез да се изврши и покрај тоа што анестезиолозите биле во алкохолизирана состојба – наод што предизвика силни реакции во јавноста и покрена прашања за медицинската и институционалната одговорност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

