19 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Петмина албански службеници во Министерството за односи меѓу заедниците повторно се суспендирани од своите работни места, по трет пат во рок од неколку месеци, објавува весникот „КОХА“. Станува збор за истите вработени кои беа суспендирани на 25 декември 2025 година, а потоа вратени на работа на 30 јануари 2026 година.
Новата одлука за суспензија им била врачена денеска од Дисциплинската комисија формирана од министерот Иван Стоилковиќ. Комисијата е составена од седум члена: Гордана Божиновска-Стаматовска, Блеранд Реџепи, Гордана Дукадиновска, Куштрим Ала, Марко Јовановиќ, Арменд Чоку и Даниела Денковска.
За разлика од второстепената комисија при Агенцијата за администрација, која претходно утврди дека разрешувањето на администраторите било неосновано и наложи нивно враќање на работа, Дисциплинската комисија сега констатирала пропусти во нивното работење. Поточно, таа ги потврдила наодите од претходните суспензии во декември и февруари и донела одлука за итна суспензија од работните места.
Суспендираните вработени ги отфрлаат овие обвинувања, тврдејќи дека не постојат докази за наводните прекршувања. Тие посочуваат дека обвинувањата, меѓу кои и тоа дека внесле или импровизирале душек во канцеларија, не се поткрепени со факти.
„Ова не е докажано во ниту еден случај, иако повеќе од 20 албански вработени сме сместени во една канцеларија од само 16 квадратни метри“, изјавуваат тие.
Дополнително, вработените обвинуваат за притисоци и дискриминација, тврдејќи дека министерот има намера да го „исчисти“ министерството од албански кадар. Според нив, повеќе од 20 администратори веќе доброволно ја напуштиле работата поради несоодветни услови и прераспоредување на работни места далеку од нивните живеалишта, што им создава дополнителни трошоци.
Тие исто така укажуваат на лоши услови за работа – пренатрупани канцеларии, недостиг на столици, компјутери и конкретни работни задачи.
Инаку, првичната одлука за разрешување на седум администратори беше донесена на 25 декември, а кабинетот на министерот Стоилковиќ тогаш ја оправда со видео во кое се прикажува импровизиран кауч во службените простории. Во објавените снимки не беа прикажани целосните услови во кои работат повеќе од 25 вработени во простор од само 16 квадратни метри.
На 30 јануари, второстепената комисија утврди дека не постоеле прекршувања од страна на администраторите и дека министерот не ги почитувал законските процедури, бидејќи презел мерки без согласност од Агенцијата за администрација и без доволно докази. Вработените беа вратени на работа 20 дена по оваа одлука, но со новата мерка за суспензија, случајот повторно се отвора.
Украден бакарен лим од покривот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Чаир
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

