Петков: Бугарија ги описмени сите словенски народи, ги ослободи од незнаење
Поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков, по повод државниот празник 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, Денот на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност, упати честитка и силна порака за значењето на Бугарија во историјата на словенската писменост.
Во својата објава на социјалните мрежи, Петков истакна дека „Бугарија е ослободител од незнаењето на словенските народи“. Според него, токму кирилицата ја претвора Бугарија во културен и историски темел на словенскиот свет, а бугарскиот јазик ја игра улогата на основа за сите словенски јазици.
„Кога другите земји, вклучително и Русија, немаат јасни историски податоци за сопствената писменост пред глаголицата и кирилицата, ние им дадовме писменост како основа на нивната култура! Ова е повод за вистинска гордост за секој Бугарин“, напиша Петков.
Тој подвлече дека денес над 300 милиони луѓе ширум светот ја користат кирилицата, која, покрај во Бугарија, е официјално писмо во Белорусија, Босна и Херцеговина, Киргистан, Северна Македонија, Монголија, Црна Гора, Украина, Србија, Таџикистан и Русија.
Петков нагласи дека писменоста и културата се столбовите што го сочувале бугарскиот идентитет низ вековите под странско владеење. Тој повика на вложување во знаење, култура и наука како начин за градење на модерна и независна Бугарија.
„Ако и во иднина се залагаме за Бугарија како нација на знаењето, културата и на науката, можеме да изградиме просперитетна земја која ќе си ја одреди сопствената иднина. Ова е патот кој денешниот ден ни го покажува“, порача Петков.