21 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот претседател на Република Македонија, Стево Пендаровски, остро ја критикуваше актуелната влада за, како што вели, опасното насочување на државата кон „српскиот свет“ и проруско-унгарскиот геополитички блок, наместо кон евроинтеграциите. Во интервју за Лајм ТВ, тој изрази сериозна загриженост дека новите политики на владата го уриваат напредокот што беше постигнат во минатото, особено на полето на меѓуетничките односи.
Пендаровски го потсети јавноста дека владата на Зоран Заев (2017–2021), и покрај своите недостатоци, направила „крупен исчекор“ во градењето меѓуетничка доверба и стабилност. Според него, денешното владеење го поткопува тој прогрес преку несоодветни геополитички сигнали и отворено запоставување на клучните евроатлантски инфраструктурни проекти.
„Додека зборуваат за специјални економски врски со Виктор Орбан и за заеднички регион со Србија, молчат за Коридорот 8, кој нè поврзува со две НАТО-членки. Тоа не е европска матрица,“ изјави Пендаровски. Тој нагласи дека фокусот на Коридорот 10, кој ја поврзува Македонија со Србија, во контекст на маргинализирање на западно ориентираните инфраструктурни проекти, е јасен показател за антиевропска и антизападна логика.
Според експретседателот, овие политички насоки не само што ја ослабуваат преговарачката позиција на Македонија со Европската унија, туку и го релативизираат напредокот во меѓуетничките односи, што може да има долгорочни последици за стабилноста и развојот на државата.
Пендаровски повика на сериозен преиспит на надворешната и внатрешната политика, со цел Македонија цврсто да се врати на европскиот пат и да ги зацврсти вредностите на мултиетничко општество, демократија и евроатлантска интеграција.
Костова: Народот тоне во сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ со очајни економски резултати