Палевски опоменат за нарушување на редот во судница – Обвинителството против новите докази на Ѓорчевски
На денешното рочиште за случајот поврзан со убиството на Вања Ѓорчевска, обвинетиот Љупчо Палевски доби последна опомена од судијата Ивица Стефановски поради непочитување на судскиот ред. Судијата го предупреди дека ќе биде отстранет од судницата доколку продолжи да зборува без одобрение.
Во текот на рочиштето, адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, предложи во доказната постапка да се изведе видео материјал обезбеден со наредба од Основното јавно обвинителство Велес. Според него, станува збор за видео записи од бензинските станици „Лукоил“ и „Макпетрол“, кои покриваат временски период од 22 до 23 ноември 2023 година. Иако не достави копија од наредбата, судот праша дали останатите обвинети сакаат да ја видат, но никој не побара увид.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска побара да се провери дали видео записот навистина постои и е обезбеден согласно наредбата. Судијата Стефановски го прифати предлогот, но му укажа на адвокатот Манев дека тој е одговорен за обезбедување на доказот, а судот ќе му овозможи технички услови за презентирање.
Дополнително, Манев побара да се изведе и видео запис обезбеден со наредба од 4 декември 2023 година, кој опфаќа камери поставени на улица низ која, според него, морало да помине возилото „Рено Кангу“, поврзано со движењето кон куќата на обвинетиот Велибор Манев.
Обвинителството се спротивстави на новите докази предложени од Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, кој е обвинет за помагање. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ достави потврда од здружението „Хопс Скопје“ и фактура на име Дарко Костовски, психијатар од Градската болница „8-ми Септември“, со кои, според одбраната, се потврдува телефонска комуникација меѓу Ѓорчевски и Костовски во критичниот период од крајот на ноември 2023.
„Се противиме на овие докази“, кратко изјави обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, изразувајќи несогласување со дополнувањето на доказната постапка.
Рочиштето продолжува, додека судот ја разгледува релевантноста и прифатливоста на новопредложените докази.