Јованов со солзи во очите: „Носам голем товар за тоа што го сторив, нема ден без молитва за Фросина“
Во завршниот збор на судењето, Васил Јованов ја отвори душата пред судот и јавноста, истакнувајќи го своето длабоко каење и покајание за стореното дело.
„Имам грижа на совест и носам голем товар за тоа што го сторив и не можам да ви објаснам какво каење чувствувам,“ рече Јованов со трогнат глас.
Јованов додаде дека секој ден се моли за душата на Фросина, жртвата во овој трагичен случај, како и за здравјето и силата на нејзиното семејство. „Ова е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Сакам да изразам најдлабоко сочувство до фамилијата и најдлабоко извинување за оние што ја познаваат. Не знам како ќе продолжам со остатокот од мојот живот,“ истакна тој.
Претходно, неговиот адвокат, Сашко Дуковски, пред судот потенцираше дека Васил Јованов од самиот почеток ја признал вината и покажал искрено каење. Дуковски побара судот да ги земе предвид овие околности при одмерувањето на казната и таа да биде соодветна на изнесените докази.
Случајот привлече големо внимание во јавноста, а завршните зборови на Јованов се доживеани како обид за помирување со совеста и објава на неговото длабоко покајание. Судот наскоро треба да ја соопшти пресудата.