12 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Отворен 14-тиот тунел на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, од вкупно планирани 15 тунели. Со ова се заокружува уште една значајна фаза од втората етапа на изградбата на железничката пруга кон Бугарија.
Директорот на Македонски железници, Синиша Ивановски, на својот Фејсбук профил објави видео од настанот, истакнувајќи ја важноста на овој чекор во рамки на проектот кој е во тек на реализација.
„Добро е кога има светлина на крајот од тунелот. Рано утрово го отворивме претпоследниот тунел од вкупно 15, на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка. Ова е втората фаза од изградбата на железницата кон Бугарија“, напиша Ивановски.
Изградбата на оваа железничка траса се соочува со бројни предизвици, при што меѓу најголемите е пробивањето и изградбата на тунелите поради сложениот терен.
Ивановски призна дека вкупниот напредок на проектот не е на посакуваното ниво, но упати пофалби до изведувачот за постигнатите резултати во делот на тунелската изградба.
„Напредокот на целиот проект не е на нивото кое го посакуваме, но би сакал да го пофалам изведувачот за успехот во изградбата на тунелите. Верувам дека и во другите сегменти од изградбата, многу брзо ќе почнат да се бележат позитивни резултати“, истакна директорот на Македонски железници.
Отворањето на 14-тиот тунел се смета за значаен чекор кон завршување на оваа важна инфраструктурна врска, која има стратешко значење за регионалното поврзување и економскиот развој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

