28 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Поставувањето на предупредувачки табли во рамки на проектот „Safe City“ отвори политичка дебата околу употребата на јазиците во јавниот простор. На булеварот „Свети Климент Охридски“, каде што се инсталирани безбедносни камери за видео-надзор, поставени се табли со известување дека зоната е под надзор, но тие се испишани исклучиво на македонски јазик.
Ова прашање предизвика реакции во јавноста, а особено остри критики упати опозицискиот пратеник Илир Хасани, кој гостувајќи во емисијата „Click Plus“ изрази загриженост дека со проектот „Safe City“ се заобиколува употребата на албанскиот јазик.
Според Хасани, ваквата пракса претставува опасен преседан кој може да доведе до постепено маргинализирање на албанскиот јазик во институциите и јавниот живот.
„Го фотографирав ова за да покажам дека нема намера за имплементација на албанскиот јазик, ниту во овој, ниту во други закони. Стравувам дека утре албанскиот јазик ќе се ограничува и во училиштата и во здравствените институции, па дури и во секојдневната комуникација. Јас ќе гласам против секој закон кој не го почитува албанскиот јазик – а ‘Safe City’ во моментов не го прави тоа“, изјави Хасани.
Од коалицијата ВЛЕН, пак, ги отфрлаат ваквите обвинувања и уверуваат дека Законот за „Safe City“ е целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците. Според нив, таблите и известувањата кои моментално се поставени се дел од подготвителна и техничка фаза.
„Во тест-фазата се користеле стандардни технички известувања, но тоа не значи дека албанскиот јазик ќе биде изоставен. При целосната имплементација на законот, сите процедури и известувања ќе бидат достапни и на албански јазик, во согласност со законската рамка“, велат од ВЛЕН.
Во меѓувреме, претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, го оспори Законот за прекршоци поврзан со „Safe City“ пред Уставниот суд, што дополнително ја продлабочува дебатата околу законитоста и јазичната еднаквост во рамки на овој проект.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

