07 март 2026
• од Тодор Вангелов
Обединетите нации во Северна Македонија повикаа на засилени напори за заштита на жените и децата од родово и семејно насилство, во заедничка изјава објавена во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
Во соопштението, агенциите на ОН изразуваат солидарност со жените, девојчињата и семејствата во земјата, истакнувајќи дека секоја жена и секое дете треба да уживаат во своите права, еднаква правда и живот без насилство, дискриминација и страв.
ОН посочуваат дека овогодинешното одбележување на Меѓународниот ден на жената доаѓа во сенка на трагедија во која уште два живота беа изгубени како последица на семејно насилство. Според организацијата, ваквите случаи се болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство и понатаму претставуваат една од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата.
Иако Северна Македонија постигна напредок во усогласувањето на своето законодавство со Истанбулската конвенција, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за насилство и вознемирување од 2019 година (бр. 190), од ОН нагласуваат дека законските обврски мора да се преточат во вистинска заштита.
Податоците покажуваат дека 45 проценти од жените во земјата доживеале насилство од интимен партнер, додека пријавувањето на ваквите случаи останува исклучително ниско – само околу два проценти од жртвите се обраќаат во полиција.
„Насилството во домот не е приватна работа – тоа е сериозно кршење на човековите права. Кога една жена не е безбедна, ниту децата не се безбедни“, се наведува во изјавата. Децата кои сведочат или доживуваат насилство, предупредуваат од ОН, се соочуваат со долгорочни последици врз нивната благосостојба, развој и емоционална сигурност.
Од организацијата предупредуваат дека брзата реакција на институциите е клучна. Одложувањата во постапувањето по пријавите можат дополнително да го зголемат ризикот за жртвите и да ја нарушат довербата во системите за заштита. Во многу случаи, велат од ОН, процедурите се одложуваат, а жртвите се враќаат во средини каде што се случило насилството.
ООН исто така нагласуваат дека системите за заштита мора да овозможат сите жени и деца безбедно да пристапат до поддршка, вклучително и оние кои се соочуваат со дополнителни бариери поради раселеност, правен статус или зголемена ранливост.
Темата на Меѓународниот ден на жената оваа година – „Права. Правда. Акција за сите жени и девојчиња“ – повикува на заедничка акција од владите, институциите, заедниците, работодавците и семејствата за обезбедување безбедност, достоинство и правда.
ОН повикуваат на брза институционална одговорност за секоја пријава на насилство, рано препознавање на ризиците преку училиштата, здравствените установи и социјалните служби, подобра заштита и засолништа за жртвите, како и поголеми инвестиции во социјалните служби и програми за превенција.
Во изјавата се потенцира и потребата од програми за промена на однесувањето на сторителите, како и од економско зајакнување на жените и борба против родовите стереотипи и штетните општествени норми.
„Семејството на Обединетите нации во Северна Македонија стои во солидарност со сите жени и сите деца во земјата и останува посветено на поддршка на националните институции и заедници за зајакнување на системите за превенција, заштита и одговор“, се наведува во соопштението.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

