06 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Веќе неколку месеци на Клиниката за онкологија недостасуваат тумор-маркери, како и лековите „цисплатин“ и „таксол“ — дел од основната терапија за пациентите со малигни заболувања. Поради недостигот, пациентите се принудени да бараат услуги во други лаборатории, како Клиничка биохемија, каде што дел од нив морале и да платат за анализите бидејќи упатите не содржеле соодветни шифри за бесплатна услуга.
Министерот за здравство Азир Алиу уверува дека се подготвуваат измени на законските прописи со кои ќе се создаде системско решение за недостигот на реагенси за тумор-маркери. Според него, целта е да се воспостави континуирано снабдување со потребните материјали и да се избегнат застои кои го загрозуваат редовното лекување на пациентите.
Од Здружението на пациенти „Хема Онко“ бараат итна измена на Законот за јавни набавки на лекови. Тие предупредуваат дека постојната регулатива овозможува пролонгирани тендерски постапки и административни застои што создаваат празнини во снабдувањето со неопходни медикаменти.
„Проблемот може да се надмине само со промена на начинот на набавка и обезбедување континуирано снабдување, наместо зависност од тендерски рокови и жалбени постапки,“ порачуваат од здружението.
Министерството за здравство најавува дека наскоро ќе предложи законски измени со кои ќе се воведе пофлексибилна постапка при јавните набавки за лекови и реагенси. Новиот модел треба да го елиминира времето на чекање меѓу две тендерски постапки — период што најчесто доведува до недостиг на терапија и дијагностички материјали.
Онколошките пациенти се надеваат дека институциите конечно ќе најдат трајно решение за проблемот, кој директно го загрозува нивното здравје и го забавува процесот на лекување.
Албин Курти ги пофали Албанците во Северна Македонија и владеењето на ВЛЕН,
Исламски предавач: Срамота е муслиманка да се прегрнува со момче кое носи шајкача
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

