македонија19 јануари 2025 Оформени 50 предмети за нефер трговски практики, ќе се проверуваат на терен и ако има потреба ќе се казнува
Според Законот, рабатот на годишно ниво не смее да биде повисок од 10 проценти. Покрај ограничен рабат, законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица
Комисијата за заштита од конкуренција (КЗК) има оформено 50 предмети откако до нив стигнале примери за нефер трговски практики, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Ристески вели дека комисијата ќе излезе на терен и ќе ги проверува случаите, а доколку има потреба ќе има и казни.
Проверките, како што вели Ристески, комисијата ќе ги прави на лице место.
„За пронајдените неправилности казните се големи, до 20 000 евра. Законот за нефер трговски практики мора да се спроведува и да се заштитат и производителите и потрошувачите“,
вели Ристески.
Законот за нефер трговски практики е во функција според директивата на ЕУ од 28 септември 2024 година. До крајот на минатата година се вршеше мониторинг на спроведувањето на Законот, а од почетокот на годинава во сила се казни за сите неправилности во неговото спроведување.