30 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека одлуката за генерален штрајк е веќе донесена и ќе стапи на сила доколку Владата и Собранието итно не одговорат на синдикалните барања за подобрување на животниот стандард на работниците.
По масовните протести што се одржаа во главниот град, синдикалното раководство испрати јасна порака до извршната и законодавната власт, поставувајќи конкретни рокови за усвојување на законските измени поврзани со платите.
ССМ бара најдоцна до крајот на оваа работна недела пратениците да ги добијат предлог-измените на Законот за плати, а до крајот на наредната недела тие да бидат изгласани во Собранието. Во спротивно, синдикатите најавуваат радикализација на протестите преку блокади на клучни сообраќајници и државни институции, што би можело да прерасне во целосен прекин на работата и во јавниот и во приватниот сектор.
Клучните барања на работниците се насочени кон ублажување на последиците од растечките трошоци за живот. ССМ инсистира на зголемување на минималната плата на 600 евра, односно околу 37.000 денари, како и на линеарно зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
Според синдикалните пресметки, овие барања се оправдани ако се земе предвид дека синдикалната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство веќе надминува 65.000 денари, што далеку го надминува просечниот приход на голем дел од граѓаните.
Од Сојузот на синдикатите категорично ги отфрлаат обвинувањата дека зад протестите стои политичка агенда. Како што велат, нивната борба е исклучиво економска и насочена кон заштита на работниците.
„Инфлацијата го јаде животниот стандард, а сегашната минимална плата не ги покрива ниту основните трошоци за преживување“, порачуваат од ССМ, додавајќи дека зачувувањето на куповната моќ е единствениот начин да се спречи натамошното осиромашување на граѓаните.
Не Бугарија, не Брисел – туку Мицкоски: вистинската причина за застојот кон ЕУ
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

