Од понеделник ново депо на „Пајак“ службата на ПОЦ
Од 17-ми март ќе биде отворено новото депо на пајак-службата на претпријатието, на новата локација до улица и мост Беласица под Железничката станица, соопшти Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје.
Новото депо ќе биде посветено на поддршка на процесот на управување со паркирање, одржување и чистење на јавните површини, како и за да обезбеди поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг услугите. Се очекува оваа нова локација да донесе значителни придобивки во контекст на зголемување на безбедноста и редот во урбаната средина. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и ЈП ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и услугите во градот.
„Во новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2.250 метри квадратни и на истата се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видеонадзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење“, изјави Душко Коцевски, директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Веќе од 17-ти март, сите возила кои ќе бидат подигнати од службата може да се преземат од новата локација којашто се наоѓа на мапата во прилог, се наведува во соопштението на ПОЦ.