19 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Со потресни детали и реконструкција на настаните, обвинителот Борче Јанев од Основното јавно обвинителство Кочани ја образложи обвинителната постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
Јанев отфрли како „бессмислени“ сите тези дека одговорност треба да се бара само од службените лица кои биле на должност во моментот на трагедијата.
„Немаме морално и законско право да ја ограничиме вината само на оние што биле на работа во критичниот момент. Тоа би значело да прифатиме дека службените лица кои претходно ги повторувале истите пропусти немаат вина. Овде не се работи за став на обвинителството, туку за јасна законска норма“, нагласи тој.
Обвинителот истакна дека од основањето на клубот до денот на пожарот никогаш не постоел противпожарен систем, ниту било каква видлива форма на заштита.
„Немало противпожарни сектори, детектори, аларми. Прозорците биле затворени и преградени со лим, а вградените материјали биле лесно запаливи и токсични при согорување. Постшел само еден излез за евакуација. Со вакви аномалии – одбрана од опасност не постои“, рече Јанев, додавајќи дека дискотеката работела спротивно на сите стандарди, закони и логика.
Во своето излагање, обвинителот направи детална реконструкција на критичните три минути што довеле до трагедијата. Според него, употребата на пиротехника не била импровизација, туку однапред испланиран дел од настапот.
„Дејан и Михајло го договориле настапот на групата ДНК и комуницирале со Владимир Блажев. Пиротехниката не била случајност, туку дел од претходно договорена сценографија. Ваква сценографија групата користела и во други настапи,“ објасни Јанев.
Клучниот момент се случил веднаш по пристигнувањето на битбоксерот Мартин Атанасовски.
„Покојниот Мартин ги внел и ги активирал пиротехничките фонтани додека се изведувала песната ‘Што сака нека биде’. Плафонот се запалил веднаш. За само три минути просторот со еден единствен излез се претворил во смртоносна стапица,“ изјави обвинителот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

