01 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци поднесе обвинение против 59-годишен возач кој на 3 декември 2024 година предизвикал сообраќајна несреќа со смртни последици на регионалниот пат Пепелиште – Неготино. Обвинетиот, и покрај тоа што имал утврдена попреченост – слепило од 99% и истечена возачка дозвола, управувал товарно моторно возило и удрил пешак.
Во обвинението се наведува дека обвинетиот управувал камион марка „Цитроен Џампер“ кога, на локацијата позната како „Лаки“, со ретровизорот на возилото ја удрил 64-годишната пешачка Ангелина Ангелова. Од силниот удар, жената била фрлена од патот и добила тешки телесни повреди – фрактура на черепот, пршлени и повеќе коски, по што починала.
Обвинетиот се гони за тешки дела против безбедноста во сообраќајот.
Според извештаите од вештачењето, иако кај оштетената е утврден пропуст – бидејќи имала можност визуелно да го забележи возилото и да го избегне, тој фактор се смета за секундарен и не ја менува тежината на делото.
Загрижувачки е фактот што обвинетиот, иако со висока попреченост и корисник на инвалидска пензија и додаток за попреченост, сепак управувал со возило. Уште поголем скандал претставува информацијата дека за време на истражната постапка успеал и да ја продолжи возачката дозвола.
Поради овие околности, ОЈО Кавадарци побара да се изврши темелна проверка на начинот на кој обвинетиот ја стекнал и обновил возачката дозвола, како и на валидноста на медицинската документација што ја доставувал. Дополнително, ќе се испитува и процесот за доделување на инвалидската пензија и додатокот за попреченост.
Овој случај отвора сериозни прашања за контролата на институциите и потенцијалната злоупотреба на системот, со што е загрозена безбедноста на сите учесници во сообраќајот.