26 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
амо неколку дена откако полицијата разби организирана група која вршела телефонски измами со лажни сообраќајни несреќи, во Битола повторно се регистрирани нови случаи на изнудување пари од повозрасни граѓани. Последниот случај се однесува на 84-годишна битолчанка која била измамена за 9.600 евра.
Според информациите од СВР Битола, измамата започнала со телефонски повик од лице кое се претставило како лекар. Тој ѝ соопштил на жената дека нејзината ќерка наводно доживеала тешка сообраќајна несреќа и се здобила со сериозни скршеници, поради што била потребна итна операција.
Измамникот инсистирал дека операцијата мора веднаш да се плати. Под притисок и во страв за здравјето на својата ќерка, жената ги подигнала парите и ги предала на непознато лице кое дошло пред нејзината зграда. Дури откако подоцна стапила во контакт со својата ќерка, сфатила дека станува збор за измама.
Само еден ден претходно, 83-годишен битолчанец бил измамен на идентичен начин и останал без 10.000 евра. Интересно е што двете жртви живеат на иста улица во Битола, што отвора сомнеж дека измамниците целно ги избирале своите жртви.
На 22 февруари полицијата поднесе кривични пријави против четири лица осомничени дека со вакви измами одзеле околу 60.000 евра од граѓани во повеќе градови низ државата. Двајца од осомничените се наоѓаат во притвор.
Според истрагата, жртвите биле прецизно таргетирани. Измамниците однапред располагале со информации за нивните семејства, вклучително и имињата на блиските лица за кои тврделе дека се повредени во сообраќајна несреќа. За време на разговорите, сторителите не дозволувале прекинување на телефонската линија, сè додека не се договарала и реализирала исплатата.
Од полицијата апелираат граѓаните да не наседнуваат на вакви телефонски повици и во случај на сомнителна информација веднаш да стапат во директен контакт со своите блиски или да пријават во најблиската полициска станица.
Надлежните институции повторно потсетуваат дека здравствените установи никогаш не бараат пари преку телефон, ниту пак испраќаат лица да подигнуваат готовина од домовите на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

