03 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, оцени дека Владата ги потрошила речиси сите досегашни „креативни решенија“ во обидите за деблокирање на европските интеграции, без да понуди нова и јасна стратегија за понатамошен напредок.
Говорејќи во дебатната емисија Вин-Вин, Николовски посочи дека досегашните пристапи, особено во делот на уставните измени, биле исцрпени.
„Имаше обиди со одложено дејство, промена на рамката, различни гаранции, па дури и гаранции за правата на Македонците во Бугарија, но гледаме дека тие предлози едноставно се потрошија. Не гледам што повеќе Владата може да понуди во овој момент“, изјави Николовски.
Според него, дополнителен проблем претставува намалената меѓународна поддршка за земјата во споредба со претходните години.
„Бевме во позиција кога добивавме пофалби, но тоа време заврши. Денес има одредени симпатии, пред сè од Унгарија, но тоа е прилично ограничено“, нагласи тој.
Николовски направи и историска паралела со периодот по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога земјата се соочи со вето.
„По фијаското во Букурешт, тогашната влада немаше јасен одговор и се сврте кон национализам и антиквизација. Постои ризик да се повтори сличен модел и денес“, предупреди тој.
Воедно, тој алармираше дека ваквиот пристап може да доведе до зголемена внатрешна политичка поларизација, наместо фокус на суштинските европски реформи.
„Гледам тенденција кон реторика на ‘лупање во гради’ и пораки дека сме тврд орев, наместо реална работа на реформите кои се неопходни за европскиот пат“, заклучи Николовски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

