28 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Судијката, прва македонска претставничка во Европски суд за човекови права и претседателка на Институт за човекови права, Маргарита Цаца Николoвска, гостуваше во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, каде даде свој осврт за проблемот со неказнивоста во судскиот систем и зголемената перцепција за оваа појава во јавноста.
Во своето излагање, Николoвска посочи дека граѓаните честопати го обвинуваат судството за неказнивост и селективност во правдата, но подвлече дека судскиот систем не е секогаш единствениот виновник. Таа нагласи дека критиките се насочуваат кон судството по инерција, и покрај тоа што коренот на проблемот е многу поширок и подлабок.
„Сите политичари зборуваат за неказнивост, но токму тие самите ја создадоа таа неказнивост,“ истакна таа. Според неа, една од клучните причини за одолговлекувањето и запирањето на судските постапки е застарувањето на делата – феномен кој, како што рече, произлегува од честите измени во Кривичен законик и од несоодветните законски решенија, кои не воделе сметка за функционалноста и ефикасноста на правосудниот систем.
Николoвска нагласи дека застарувањето не е случајна слабост, туку последица на политички одлуки кои со години биле носени без соодветна анализа и долгорочна стратегија. Таа предупреди дека законите и нивните измени честопати се адаптирале на политички интереси, наместо на реалните потреби на системот за правда.
Заклучи дека јавноста мора да разбере дека причините за перцепцијата и реалните појави на неказнивост често се политички, а не исклучиво поврзани со работата на судиите и обвинителите. Според неа, без аполитични, професионални и одржливи законски решенија, тешко дека може да се очекува значително подобрување во борбата против неказнивоста во државата.
Бубашваби на мени секој ден за учениците во интернатот „Здравко Цветковски“
Дали становите во Скопје вредат толку? За истите пари може да купиш остров!
Агелер уверена: С. Македонија работи на вклучувањето на Бугарите во Уставот
Европскиот парламент побара забрана за социјални мрежи за тинејџери под 16 години
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

