29 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Не се знае кога ќе бидат деблокирани 128 милиони евра од програмата ИПАРД 3, откако Европската комисија сè уште нема утврдено конкретен рок за разгледување на извештајот доставен од македонската Влада. Извештајот е поврзан со корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, што доведе до привремено суспендирање на исплатите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Бизнис 21“ изјави дека на состанокот во Брисел било побарано извештајот да се разгледа по итна постапка, но без конкретен временски одговор од европската администрација.
„Разговаравме извештајот да се разгледа што е можно побрзо и во целост, по што, во зависност од евентуалните забелешки, да продолжи нормалната работа на Платежната агенција. Немаме конкретен рок, но имаме сигнал дека постапката ќе биде забрзана“, истакна Трипуновски, додавајќи дека станува збор за обемен материјал и дека институциите во Брисел не функционираат со прецизни датуми.
Во однос на неодамнешните апсења на двајца директори од неговиот ресор, министерот оцени дека тоа покажува оти „нема заштитени функционери“. Тој нагласи дека нема намера да брани никого, но и дека лично не чувствува одговорност за случајот.
Паралелно, Трипуновски предупреди дека глобалните случувања, особено конфликтот во Иран, веќе влијаат врз цените на енергенсите и вештачките ѓубрива. Според него, на светските пазари цените на ѓубривата пораснале за околу 40 проценти, што може да се одрази и врз цената на храната во земјата.
Министерството, како што рече, внимателно ја следи состојбата и е подготвено да реагира со дополнителни мерки доколку има потреба. Како олеснителна мерка за земјоделците, тој потсети дека минатата година биле доделени над 46.000 картички за „зелена нафта“, кои дел од земјоделците ги користат токму во овој период за намалување на трошоците.
„Ова е значајна поддршка, особено во услови кога трошоците растат. Имаме едни од најниските цени на горивата во регионот, но храната останува чувствителна категорија поради зависноста од вештачките ѓубрива“, додаде Трипуновски.
И покрај реакциите на дел од земјоделците дека државата им должи околу 100 милиони евра за субвенции, вклучително и за 2024 година, министерот уверува дека исплатите се вршат континуирано и без застој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

