Над 3000 културни работници без плата пред Велигден – Левица обвинува за игнорантност и лицемерие
Во пресрет на Велигден, над 3000 вработени во културата останаа без исплатена мартовска плата – ситуација што предизвика бурни реакции, особено од страна на политичката партија Левица, која остро го осуди односот на институциите кон овој сектор.
„Министерството за култура се однесува како ресор без министер, а Министерството за финансии како орудие на олигархијата што чека насоки од ’горе’. Истата неправда се повторува веќе четврта година – еднаш како комедија, еднаш како фарса, а сега како вистинска трагедија“, се вели во нивната реакција.
Левица предупредува дека игнорантниот и ноншалантен однос на власта кон културните работници е не само навредлив, туку и штетен за идентитетот на државата. „Културата е лицето на еден народ. Начинот на кој се третираат оние што ја создаваат и одржуваат, зборува многу за вредностите што ги негува една власт“, порачуваат од партијата.
Посебна критика беше упатена и кон Синдикатот на културата, кој, иако најави протести, ги замрзна по добиен допис од Министерството. Според Левица, тоа е доказ за притисок и манипулација врз организираните работници, кои остануваат без глас и без поддршка во борбата за основни права.
„Апелираме до сите надлежни институции итно да си ги исполнат законските обврски. Неприфатливо е илјадници семејства да бидат оставени со празна трпеза во време кога се слави надеж и обновување“, истакнува Левица, предупредувајќи дека културниот сектор не смее да биде жртва на политичка негрижа и институционален немар.