На 9 мај започнува судскиот процес за несреќата во која загина Фросина Кулакова од Неготино
На 9 мај во судница ќе започне судскиот процес за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 29 јануари оваа година, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. Случајот предизвика големо внимание и револт кај јавноста, пред сè поради околностите на несреќата и предисторијата на обвинетиот.
Возачот Васил Јованов (20), кој во моментот на несреќата возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол, поминал на црвено светло и на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје ја прегазил младата Кулакова. Овој трагичен настан предизвика протести и во Неготино и во Скопје, каде што граѓаните побараа строга судска пресуда и казна затвор за Јованов.
Негодувањето се зголеми кога во јавноста излезе информацијата дека Јованов во моментот на несреќата требало да биде во притвор поради друг случај за поседување дрога, но наместо тоа, судијката Даниела Алексоска Стојаноска му одредила воспитна мерка. Исто така, се појавија сомнежи дека таткото на Јованов, кој е воено лице, извршил притисок врз судот за да го спаси својот син. Семејството на Јованов преку адвокат изрази сочувство до семејството на Кулакова и ги демантираше тврдењата дека влијаеле врз одлуките на судот.
Покрај обвинението против Васил Јованов, пред само два дена обвинителството поднесе обвинение и против неговиот татко. Тој се товари за предизвикување на општа опасност, односно дека во последните три години свесно му давал на својот син да управува со автомобилот Пежо 207, иако знаел дека нема возачка дозвола и дека претходно бил повеќекратно казнуван за сообраќајни прекршоци.
Судскиот процес против Васил Јованов ќе се води за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, за кое според законот е предвидена казна затвор до 20 години. Овој случај внимателно ќе се следи од јавноста и медиумите, бидејќи претставува симбол на долгогодишното незадоволство за неказнивоста во сообраќајните несреќи во земјата