10 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во августовската испитна сесија од државната матура, на 12 и 14 август ќе се одржат двата екстерни испита за матурантите кои во јуни не ги положиле или не ги завршиле целосно.
На 12 август (вторник) ќе се полага мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски) и литература, додека на 14 август (четврток) ќе се одржи полагањето на изборниот екстерен испит. Матурантите ќе можат да избираат меѓу математика, англиски, француски, германски, руски, италијански јазик, како и филозофија или естетика.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за двата испитни дена се пријавиле вкупно 1.118 ученици.
По вид на образование, полагаат 265 гимназијалци, 835 ученици од средно стручно образование и 18 од средно уметничко образование. Испитите ќе се спроведуваат во простории на факултетите.
МОН и ДИЦ пред пет дена ги објавија резултатите од државната матура во јуни, според кои постигнувањата се подобри од минатата година. Просечната оценка од двата екстерни испита е 3,69, повисока од ланските 3,26. Поголем успех е забележан кај мајчините јазици, а особено по математика, каде што просекот е 4,14.
Во јуни беа пријавени 15.004 ученици, но тестовите на 172 од нив беа поништени поради обиди за препишување, користење електронски уреди и други неправилности.
Независните ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање потписи
Левица: Суспендираниот началник од Демир Хисар незаконски лишувал од слобода