10 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид повеќе од 20 часа се соочуваат со сериозни услови за престој, откако објектот останал без електрична енергија. Прекинот на струја доведе и до целосно отсуство на греење и топла вода, што дополнително ја влоши состојбата, особено поради ниските зимски температури.
Информацијата првично беше објавена синоќа на Инстаграм профилот „Студентарија.мк“, каде што беше наведено дека студентите се принудени да се движат и учат со свеќи, во целосна темнина. До раните утрински часови немало официјална информација за тоа кога ќе биде нормализирано снабдувањето со електрична енергија.
Видеа кои го прикажуваат мракот во студентскиот дом пристигнаа и до редакцијата на Инфомакс, а на социјалните мрежи студентите јавно го изразуваат својот револт и загриженост. Во дел од објавите се наведува дека постои можност и ноќта да ја поминат во истите услови, без основни предуслови за нормално живеење и учење.
Според тврдењата изнесени во видеата што кружат на социјалните мрежи, проблемот најверојатно е поврзан со неплатени сметки, но засега нема официјална потврда од надлежните институции за точната причина за прекинот, ниту за времето кога ќе биде воспоставено редовното снабдување со струја.
Од Државниот студентски дом „Никола Карев“ преку кратко соопштение на Фејсбук им се извинија на студентите за настанатата состојба. Оттаму информираат дека чекале проблемот да биде решен од Министерството за образование и наука (МОН), од каде, според нивните информации, им било соопштено дека дефектот или причината за прекинот би требало да се отстрани во текот на денешниот ден.
Студентите, пак, бараат итно и трајно решение, нагласувајќи дека ваквите услови се недостојни и неприфатливи, особено за институција што треба да обезбеди безбеден и хуман престој за младите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

