27 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски повика на носење економски политики базирани на податоци (evidence-based policy), наместо на политички препукувања, во однос на прашањето за зголемување на минималната плата. Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, тој истакна дека актуелниот трипартитен дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите се води без доволно детална и сеопфатна анализа на нето-ефектите од евентуалното покачување.
Според Миноски, секоја одлука за минималната плата мора да се темели врз клучни макроекономски индикатори како што се продуктивноста на трудот, нивото на вработеност, инфлацијата и растот на бруто домашниот производ (БДП). Без ваква аналитичка рамка, ризикот од носење краткорочни и политички мотивирани решенија е значителен.
Тој презентираше податоци од анализа во која лично учествувал, а која ги моделира ефектите од зголемување на минималната плата на 600 евра. Според симулациите, околу 230.000 вработени директно би биле опфатени со оваа мерка. Вкупниот трошок за усогласување и нивелирање на платите би достигнал приближно 700 милиони евра на годишно ниво.
Сепак, според анализата, фискалниот поврат би бил значаен. Од вкупниот износ, околу 300 милиони евра би се вратиле во државниот буџет преку придонеси за социјално осигурување и персонален данок на доход. Овие средства би придонеле за подобрување на буџетската позиција и потенцијално би создале простор за дополнителни јавни инвестиции.
Дополнително, симулациите укажуваат дека ваквото зголемување би имало позитивен ефект врз економската активност. Се очекува умерен раст на БДП и зголемување на вработеноста во одредени дејности, особено во услужниот сектор, додека влијанието врз инфлацијата би било минимално.
Миноски нагласи дека Економско-социјалниот совет треба да нарача официјална и независна експертска анализа, со цел дебатата да се води врз основа на релевантни и проверливи податоци. Според него, само преку структуриран и аргументиран дијалог може да се донесат одржливи одлуки што ќе придонесат за стабилен економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

