24 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот предизборен митинг во општина Аеродром повика на масовна излезност на граѓаните во вториот круг од локалните избори на 2 ноември, со заокружување на бројот 9 на гласачкото ливче.
Мицкоски се заблагодари за довербата добиена во првиот круг, кога кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победија во 33 општини, наспроти трите на СДСМ. Тој најави борба за секој глас во вториот круг и порача граѓаните да гласаат според разум, срце и душа.
„Кога ќе го имате пенкалото во рака, ако одлучувате според разум, душа и срце, убеден сум дека ќе го заокружите бројот 9 – за Дејан во Аеродром и Орце во Скопје“, рече Мицкоски.
Во своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ остро се осврна на СДСМ, оценувајќи дека партијата е пред политичко исчезнување. Тој изјави дека СДСМ на следните избори ќе освои помалку од 100.000 гласа, нагласувајќи дека тоа ќе биде резултат на разочарување и апстиненција меѓу нивните гласачи.
„Сега не зборуваме за биолошки минимум, туку за исчезнување. Единствен начин СДСМ да си помогне себеси е да излезе во вториот круг и да го заокружи бројот 9 – бројот кој носи промена“, истакна Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во своето политичко дејствување поднела бројни жртви, особено во општините Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар, но дека тие жртви не биле соодветно почитувани.
„Не бараме ништо за возврат, освен почит за жртвата што сме ја дале за друг. Не ја добивме и тоа нема да го заборавиме“, додаде тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека партијата ќе продолжи со својата стратегија и планови за реализирање на стратешките цели, потенцирајќи дека политиката не треба да се води со лаги и црни кампањи, туку со јасна визија.
Кандидатот за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески, најави серија инфраструктурни и општествени проекти што ќе се реализираат во следните четири години. Тој истакна дека со поддршка од идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе се инвестира во безбедни училишта и градинки, нови паркови, спортски сали и културни центри.
„Со поддршка на Владата и на Град Скопје, ќе направиме Аеродром уште поубаво место за живеење“, рече Митески, повикувајќи ги граѓаните на масовно гласање и избор на бројот 9 за, како што рече, „историска победа и развој на општината“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

