28 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Инспекторите на УЈП, Драган Паунов и Дуле Димитриев, осомничени дека соработувале со сопственикот на дискотеката „Пулс“, побарале и добиле мерки на претпазливост наместо првично определениот домашен притвор. Одлуката ја донел Основниот суд во Кочани, но таа сè уште не е правосилна, бидејќи против неа е поднесена жалба и се чека ставот на Апелациониот суд во Штип.
Како што дознава Телма, двајцата инспектори побарале укинување на мерката куќен притвор, а судот неодамна одлучил тие да се бранат од слобода, но со мерки на претпазливост. Информацијата ја потврдија и од обвинителството, како и адвокатот на Паунов.
„Точно е дека Основниот суд Кочани одлучувал по барањето за притвор и донел одлука за мерки на претпазливост. Сепак, одлуката не е правосилна поради жалбена постапка пред повисокиот суд“, изјави Спиро Борисов, претседател на Основниот суд Кочани.
Паунов и Димитриев се осомничени дека земале поткуп и му дојавувале на синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“ кога ќе има ненајавени инспекциски контроли. Во истиот објект се случи трагичниот пожар во кој загинаа 63 млади лица, а над 220 беа повредени.
Дополнително внимание во јавноста привлече и фактот што Паунов е брат на претседателката на Кривичниот суд во Скопје, Даниела Димовска, каде што во моментов се води судската постапка поврзана со трагедијата.
Иако судот одлучил за поблаги мерки, осомничените сè уште се наоѓаат во куќен притвор, бидејќи обвинителството поднело жалба на одлуката. Се очекува Апелациониот суд во Штип деновиве да донесе конечна одлука.
Мерките на претпазливост што ги одредил кочанскиот суд вклучуваат забрана за напуштање на градовите во кои живеат, обврска за редовно јавување во суд, како и одземање на пасошите.
Според адвокатот на Паунов, судот ја донел одлуката имајќи ја предвид доставената медицинска документација. Кај неговиот клиент во меѓувреме се појавиле кардиолошки здравствени проблеми, што судот го ценел како олеснителна околност. И другиот осомничен инспектор, според информации на Телма, доставил здравствена документација во прилог на барањето за укинување на притворот.
Одлуката на судот е донесена изминатата недела.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

