09 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска се изјасни во врска со иредентистичките пароли скандирани на Националната арена „Тодор Проески“ за време на натпреварот меѓу Шкендија и Карабах.
Меџити, кој лично присуствувал на трибините, изјави дека скандирањето не било насочено против Македонците, додека настанот во Куманово, на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, имал јасно изразена антиалбанска содржина.
„Како Влада ги осудуваме сите што ќе посегнат по ксенофобија и расизам. Во Куманово беа антиалбански настроени. Не ги оправдувам ни другите, но не беа антимакедонски. Повикуваме да се почитуваме едни со други и да придонесеме кон надминување на ваквите состојби,“ изјави Меџити.
Тој го критикуваше и судството, обвинувајќи дека делува нерамномерно: „Не реагира кога треба, а понекогаш претерува, како во овој случај. Судството треба да придонесува за меѓуетничките односи, а не да ги загрозува.“
Интересно, неговиот партиски соработник и претседател на Собранието, Африм Гаши, изјави дека не ги слушнал спорните пароли и дури ги пофалил навивачите за „достоинствено скандирање“.
Настанот на „Тодор Проески“ следеше само неколку дена по инцидентот во Куманово, кога дел од публиката пееше „За Шиптари гасна комора“ и други навреди кон Албанците, на натпревар во присуство на премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот го осуди скандирањето два дена подоцна, тврдејќи дека не ги чул паролите бидејќи ги извикувала мала група навивачи.
И за двата инциденти, Јавното обвинителство отвори предмети. Во Скопје беше запленето знаме со карта на „Голема Албанија“, а во Куманово, неофицијално, знаме поврзано со настаните од Диво Насеље. Полицијата работи на идентификување на сторителите, користејќи видео-материјали од местата на настаните.