Меџити: Новиот министер за здравство ќе биде познат во вторник
Нов министер за здравство ќе биде предложен најдоцна до следната недела, најверојатно во вторник, потврди вицепремиерот Изет Меџити. Тој нагласи дека ресорот здравство останува во партијата ВРЕДИ и покрај оставката на досегашниот министер Арбен Таравари.
„Деновиве сме во преговори за повеќе политички опции. Не станува збор за замени, туку за пошироки политички договори, и откако тие ќе се финализираат, ќе предложиме нов кандидат за министер за здравство“, изјави Меџити, без да открие конкретни имиња.
И пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, потврди дека ресорот здравство ќе остане во рамките на политичкиот договор со ВРЕДИ, нагласувајќи дека одлуката на Таравари да ја напушти Владата била погрешна. Според него, оставката на Таравари ќе биде констатирана на собраниската седница закажана за 20-ти мај.
„Во моментов нема поднесени други оставки од членови на Владата. Политичкиот договор за распределба на ресорите останува непроменет, и нема индиции за промени во останатите министерства“, изјави Стојаноски.
Во однос на стабилноста на парламентарното мнозинство, Меџити уверува дека истото останува цврсто, дури и по заминувањето на Таравари. Според него, се очекува четворица пратеници од Европскиот фронт да се приклучат на парламентарното мнозинство, со што ВРЕДИ би задржала поддршка од 13 до 14 пратеници.
На прашање дали преговара со фракцијата на Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села, Меџити не даде директен одговор, но подвлече дека сите што ќе дадат поддршка на Владата доаѓаат од редовите на Европскиот фронт.
„И без Таравари, во моментот имаме иста бројка пратеници како претходно. Владата има стабилно мнозинство и легитимитет, особено во албанскиот блок. Некои од пратениците ќе бидат во ВРЕДИ, но сите се дел од Европскиот фронт“, изјави Меџити.
Очекувањата се дека идната недела ќе биде клучна за решавање на кадровското прашање во Министерството за здравство, како и за потврдување на политичката стабилност во владината коалиција.