Македонски новинар со бугарско потекло: Македонизмот е израз на културен назадок
Атанас Величков е македонски новинар со бугарски корени и главен уредник на порталот „Трибуна.мк“, остро, но аргументирано го осудува ваквиот речник, нагласувајќи дека тоа е недостојно однесување кое му нанесува штета не само на имиџот на Владата, туку и на државата како целина. Тој потенцира дека изјави во кои се навредува целиот бугарски народ како „мизерен“ и „нецивилизиран“ се пораз на елементарната политичка култура и воспитание.
Николоски, кој својата кариера ја гради исклучиво во политиката, очигледно не научил дека реториката на омраза не гради ниту пријателства, ниту интеграции, ниту иднина. Се чини дека неговото поимање на патриотизмот е сведено на навреди и конфликти – став што е далеку од државничкото однесување на луѓе како Киро Глигоров, Арбен Џафери, Илинка Митрева или Абдурахман Алити. Дури и политичарите од поновата генерација, како што е Никола Груевски, кому Николоски долго време му беше соработник, покажуваа поголема политичка умешност.
Недозреаноста на министерот излегува на виделина токму сега, кога се очекуваше конструктивен пристап, особено во чувствителни теми како односите со Бугарија, Коридорот 8 или судбината на луѓето поврзани со настаните од 27 април 2017 година. Како што укажува Величков, кога политичарите немаат реални резултати, често прибегнуваат кон националистичка реторика како замена за конкретни политики. Но, омразата не е решение – таа не води кон гордост, туку кон изолација и понижување.
Бугарското Министерство за надворешни работи реагираше достоинствено и со трезвен тон, избегнувајќи да влезе во ниски препукувања. Одговорот од Софија ја нагласи разликата во нивото на политичка култура – нешто што, според Величков, очигледно му недостига на Николоски.
Македонија не смее да дозволи поединечни политичари да го диктираат нејзиниот меѓународен имиџ со изјави што се срамни за една модерна, европска земја. Ова не е само проблем на личноста Николоски – ова е тест за зрелоста на македонската демократија и граѓаните што гласале за неговата партија. И токму тие треба да се запрашаат: дали навистина сакаме Македонија да ја водат луѓе што не знаат разлика меѓу патриотизам и простаклак?
Македонските Бугари, кои отсекогаш гордо ја чувале својата двојна припадност, не заслужуваат да бидат цел на вулгарни напади. Величков нагласува дека вистината за нашата заедничка историја нема да ја избришат навредите. Таа ќе остане – како сведоштво на една длабока поврзаност, но и како огледало за сите што се обидуваат да градат идентитет врз омраза наместо врз вистина.
Во една европска Македонија, нема место за лажни патриоти. Време е да се изберат државници.