Мајката на Фросина побара максимална казна за Васил Јованов
Со потресни зборови, Камелија Кулакова, мајката на трагично загинатата Фросина Кулакова, се обрати пред судот на првото рочиште против Васил Јованов, обвинет за нејзиното прегазување.
„Јас не сум мајка која го изгубила своето чедо, туку човек со откорната душа. Јас сум гласот на Фросина оти таа не може да зборува,“ рече Кулакова, со што предизвика солзи кај присутните во судницата.
Фросина Кулакова на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Според зборовите на мајката, Јованов возел пијан, без возачка дозвола, со висока брзина, одминувајќи возила, и со силен удар ја удрил Фросина. „Со главата ја скршила шофершајбната, се качила на покривот на возилото, а од силината на ударот го скршила и столбот од семафорот,“ сведочеше мајката.
Таа опиша дека повредите на нејзината ќерка биле бројни и тешки, нагласувајќи дека ова не е случај за обично сообраќајно дело, туку за „грабеж на живот, за убиство“.
Кулакова истакна дека бара највисока казна за обвинетиот, не од одмазда, туку од желба за правда и за да се спречат вакви трагедии во иднина. „Покажете дека правдата има душа и дека законите имаат лице. Правдата нема да ми ја врати Фросинче, но ќе ми ја врати вербата дека нејзиниот живот не згаснал залудно,“ изјави таа.
Мајката како законски застапник се придружи на кривичниот прогон и најави дека ќе бара и оштетно побарување во граѓанска постапка. Судскиот процес продолжува, а јавноста со големо внимание го следи случајот, надевајќи се на праведна пресуда.