Мајка на загинат во „Пулс“ му врати на Тошковски: „Зошто кога бевме кај него не нè праша дали нè организира опозицијата?!“
Мајка на еден од загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани му одговори јавно на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако тој изјави дека родителите кои протестираа во Скопје биле организирани од опозицијата.
Во коментар на Фејсбук, мајката прашува: „Зошто кога бевме кај него не нè праша дали нè организира опозицијата?!“ Овој одговор доаѓа по изјавата на Тошковски во гостување на ТВ „Алфа“, каде што тој рече дека протестот на родителите бил намерно организиран на денот кога во Собранието се расправаше за интерпелацијата за неговата работа.
Министерот смета дека опозицијата ја искористила трагедијата за политички поени. „Се срамам што сум дел од општество во кое опозицијата сака на сметка на солзи на родители кои изгубиле чедо да добие лајк на Фејсбук“, изјави Тошковски.
Родителите на загинатите деца се собраа пред институциите во Скопје барајќи одговорност и истрага за трагедијата во која загинаа нивните најмили. Тие велат дека бараат правда, а не политика.
