Мајка на повредено дете од трагедијата во Кочани: Повредите се сложени и со непредвидлив тек
Благица Сабовљевиќ-Стоименова, граѓанска активистка и мајка на едно од повредените деца од трагедијата во Кочани, јавно проговори за сериозноста на последиците со кои се соочуваат повредените и нивните семејства. Таа упати апел дека Кочани не смее да остане оставен во траор, туку мора да добие соодветна поддршка и внимание од институциите и пошироката јавност.
„Повредата е толку осетлива што од минута во минута создава нови проблеми,“ вели Сабовљевиќ-Стоименова, повикувајќи се на изјави од медицинските лица што ги лекуваат децата. Според неа, здравствената состојба на повредените е нестабилна, а секојдневно се појавуваат нови компликации кои бараат дополнителни интервенции.
„Секој ден нови проблеми кај дечињата во првите три недели се јавуваа, многу непланирани операции, кои и докторите не ги очекуваа,“ додава таа, нагласувајќи ја комплексноста на повредите и долгорочниот карактер на рехабилитацијата.
Според информациите, станува збор за околу 190 деца со повреди од различна тежина, чие закрепнување ќе биде долг и тежок процес. Сабовљевиќ-Стоименова истакнува дека лекарите не можат да дадат гаранции ниту за временска рамка ниту за целосно оздравување, што дополнително ја зголемува неизвесноста и стравот кај родителите.
Оваа изјава е потсетник за тежината на последиците од трагедијата и за неопходноста од долгорочна поддршка – и медицинска и психосоцијална – како за повредените, така и за нивните семејства.