13 април 2026
• од Гоце Кически
Петер Маѓар остро се изјасни против политиката на доделување азил на лица барани од правдата, директно посочувајќи го случајот со поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој веќе неколку години престојува во Унгарија.
На прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе направи со лицата на кои владата на Виктор Орбан им доделила азил и покрај тоа што се меѓународно барани, Маѓар беше дециден: „Унгарија нема да биде дестинација за меѓународно барани криминалци“.
Тој нагласи дека оваа позиција не се однесува само на одредени случаи, туку експлицитно го вклучува и Груевски, кого го опиша како „беглец од правда од Северна Македонија“. Маѓар дури саркастично им порача на ваквите лица „да не купуваат мебел“, алудирајќи дека нивниот престој во земјата нема да биде долгорочен.
Во своето обраќање, Маѓар ја потенцираше потребата од почитување на меѓународното право и европската соработка во справувањето со лица обвинети за криминал. „Очекуваме и од другите европски држави да постапуваат исто – доколку унгарски криминалци, дури и политичари, избегаат во странство, тие да бидат вратени согласно законите“, рече тој.
Осврнувајќи се на поширокиот контекст, Маѓар додаде дека доколку лицата кои добиле азил „немаат што да кријат“, треба доброволно да се вратат во своите земји и да се соочат со правосудните органи. Во спротивно, како што нагласи, унгарските власти ќе мора да најдат начин за нивно протерување.
Изјавите на Маѓар доаѓаат во време на засилени критики кон Орбан за контроверзната одлука да му додели азил на Груевски во 2018 година, откако тој беше осуден во Северна Македонија и избега од земјата.
Останува да се види дали ваквите ставови ќе се претворат во конкретни политички мерки, но пораката од опозицијата е јасна: Унгарија, според Маѓар, не треба да биде засолниште за лица кои бегаат од правдата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

