Љупчо: Не сум обвинет за криминал, туку затоа што не се срамам што сум Бугарин
Претседателот на забранетиот Клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Георгиевски, по денешното рочиште во Скопје даде силна изјава, оценувајќи дека процесот што се води против него е политички монтиран и насочен кон замолчување на луѓето кои се изјаснуваат како Бугари во Македонија.
„Денес повторно се изправувам пред судот — во уште еден политички монтиран процес. Не затоа што сум сторил злосторство, туку затоа што отворено се гордеам со бугарскиот си корен и одбивам да молчам,“ изјави Георгиевски пред присутните новинари и поддржувачи.
Според него, институционалниот притисок врз бугарските здруженија и нивните претставници е дел од обидот да се потисне и избрише бугарскиот идентитет од македонскиот јавен простор.
„Сакаат да нѐ заплашат, да нѐ скршат, но нема да успеат. Борбата за вистината и за достоинството продолжува,“ истакна Георгиевски.
Тој потсети дека зад нив стои вековна борба, предводена од ВМРО и нејзините дејци кои, како што рече, животот го положиле за слободна Македонија во која бугарскиот дух нема да биде избришан.
„Зад нас стои една света борба – борбата на нашите предци од ВМРО, кои не се двоумеа да го дадат животот за Македонија, за да може бугарскиот идентитет тука да опстои,“ порача Георгиевски.
Контроверзата со Ванчо Михајлов – историја под сенка на идеологија
Во контекст на случајот, Георгиевски ја допре и темата за ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов, историска личност која во Македонија најчесто се претставува низ негативна призма. Во јавниот дискурс, Михајлов често се етикетира како „фашист“, што според поддржувачите на бугарските клубови е неправедна и идеолошки мотивирана конструкција.
Имено, причината поради која Ванчо Михајлов е негативно третиран во македонската историографија е токму неговата јасна и доследна самоидентификација како Бугарин – факт кој не се вклопува во наративот создаден по Втората светска војна. Таа историографија, како што велат историчари и критичари, е формирана врз основа на политички диктирани вистини, често потпирајќи се на манипулации и полувистини.
Дополнително, со тоа што Ванчо Михајлов се етикетира како фашист, индиректно се наметнува и слика дека целиот бугарски народ, со своето историско присуство на овие простори, бил фашистички. Ваквата поедноставена и селективна интерпретација, според Георгиевски и неговите истомисленици, е сериозна пречка за помирување и објективен пристап кон историјата.
„Како и да заврши денес, јасно е едно – борбата продолжува! Да живее духот на Иван Михајлов! Да живее бугарштината во Македонија!“ – заврши Георгиевски.