Љубчо Георгиевски: Македонскиот патриотизам преде како маче пред великосрпската политика
Љубчо Георгиевски, по денешното рочиште во случајот против Љупчо Георгиевски – претседател на забранетиот Клуб „Иван Михајлов“ во Битола, излезе со остра изјава упатена кон македонскиот политички и патриотски дискурс.
„Сите балкански народи ја препознаваат великосрпската политика, само македонскиот патриотизам во тоа преде како маче“, изјави Георгиевски, алудирајќи на недостигот на критичка и активна позиција на македонските патриотски сили кон српските геополитички интереси на Балканот.
Тој посочи дека додека патриотските структури во земјава покажуваат агресивност и самодоверба за низа внатрешни прашања, токму во однос на Србија и нејзиното влијание, нивниот став е необјасниво мек и потчинет.
Во својата изјава, Георгиевски не ги поштеди ни одлуките на државното раководство, кои според него, сè повеќе отстапуваат од јасниот европски правец.
„Се пласира тезата дека Европа нема да се проширува, а реалноста покажува друго. Албанија и Црна Гора веќе имаат рокови – 2028 година – за влез во ЕУ. Македонија не само што не напредува, туку геостратешки отскокнува од тој пат“, рече Георгиевски.
Тој предупреди дека ваквите позиции може да создадат негативна атмосфера за земјата во Брисел и го постави прашањето дали државата свесно се движи кон самоизолација.
Изјавата на Георгиевски доаѓа по рочиштето за забранетиот Клуб „Иван Михајлов“ во Битола, чиј претседател – неговиот истоименик Љупчо Георгиевски – е обвинет за нарушување на уставниот поредок. Иако двајцата не се поврзани, случајната подударност во имињата дополнително го привлече вниманието на јавноста.