12 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на забранетиот културен клуб „Иван Михајлов“, Љубчо Георгиевски, остро реагираше во коментар на јавна објава на поранешниот министер за правда Кренар Лога, во која тој се повикува на Универзалната декларација за човекови права и ја нагласува важноста на слободата, еднаквоста и почитта.
Повод за реакцијата беше објавата на Лога од 10 декември, по повод годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, во која тој истакна дека човековите права не се лукс, туку должност, и дека тие претставуваат темел на достоинството, слободата и правдата во секое демократско општество.
Токму ваквиот настап Георгиевски го оценува како лицемерен, посочувајќи дека зад реториката за човекови права стои конкретна политичка и правна одлука што, според него, директно ги нарушила тие исти права.
„Вие сте човекот што кога дојдовте на власт како министер за правда, првата должност Ви беше со закон да ги забраните бугарските здруженија. Со таа прва должност ги загрозивте правата на здружување на граѓаните на Република Македонија од бугарската заедница, право кое е загарантирано со Уставот“, напиша Георгиевски во коментарот.
Тој му се заблагодарува на Лога за одговорот и за, како што наведува, почитливиот тон, но истовремено нагласува дека без оглед на процедурите и институционалниот процес, токму потписот на поранешниот министер за правда бил конечниот чин со кој законот што ги погоди бугарските здруженија станал реалност.
„Овој факт не го наведувам за да обвинувам, туку заради прецизност и вистинитост“, истакнува Георгиевски, додавајќи дека одговорноста за ограничувањето на правото на здружување не може да се прикрие зад декларативни повици за човекови права.
Во продолжение на коментарот, Георгиевски се осврнува и на изјавата на Лога дека се смета за пријател на бугарската заедница, нагласувајќи дека и самиот клуб „Иван Михајлов“ отсекогаш се залагал за соработка и пријателски односи со албанската заедница во државата.
Сепак, според него, вистинската почит кон човековите права не се мери со симболични објави и пригодни пораки, туку со конкретни одлуки и постапки, особено кога тие се носат од позиција на моќ.
„Ако човековите права се должност, тогаш тие мора да важат за сите, без исклучок“, порачува Георгиевски, потенцирајќи дека иднината може да се гради само врз искрена почит, доследност и дијалог, а не врз, како што наведува, двојни стандарди.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

