Љубчо Георгиевски: Јас сум ванчовист, тој носи симбол на независна и самостојна Македонија
Поранешниот премиер на Македонија и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, денеска сведочеше во Основниот суд во Битола како сведок на одбраната во судскиот процес против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“, кој е веќе избришан од Централниот регистар.
Случајот, кој се води од 2023 година, е инициран од Основното јавно обвинителство во Битола. Љупчо Ѓоргиевски е обвинет за ширење национална и расна омраза, ксенофобија и расизам преку компјутерски систем.
Љубчо Георгиевски истакна дека не го познава лично обвинетиот, но сам се пријавил да сведочи, бидејќи, според него, случајот индиректно е насочен и кон историската личност Ванчо Михајлов.
„За мене Михајлов е симбол на независна Македонија. Денешното ВМРО има континуитет со неговото. Во 1934 година се повлекол од политиката, а Хитлер доаѓа на власт во 1933 – немал време да стане дел од таа идеологија“, рече Георгиевски пред судот.
Тој се опиша себеси како „ванчовист“, објаснувајќи дека отворањето на клубот во Битола му предизвикало позитивни чувства и го нарече тој чин „храбар“.
Обвинителката Оливера Нечаковска истакна дека предметот не е насочен кон историските личности, туку против конкретен обвинет – Љупчо Ѓоргиевски. Таа го праша Георгиевски дали е историчар, на што тој одговори дека не е, но посочи дека повеќе од 30 години ја проучува историјата и дека ниту еден историчар не сакал јавно да се соочи со него во дебата.
Во текот на сведочењето се спомна и автобиографската книга на Георгиевски „Тоа сум јас“, во која, според обвинителката, тој пишува дека Македонците се „најголеми фалсификатори на сопствената историја“. Георгиевски го потврди ова, велејќи:
„Тоа не само што го напишав, туку и 20 пати сум го кажал, последен пат во мојот подкаст.“
Поранешниот премиер исто така тврдеше дека Ванчо Михајлов бил повикан од германската администрација во 1944 година за создавање независна македонска држава, но се повлекол за да спречи граѓанска војна. Тој ги отфрли обвинувањата дека Михајлов бил фашист, велејќи дека „ванчомихајловистите“ спасувале Евреи.
На прашањето од обвинителката дали некој може да изврши злосторство без да биде суден и осуден, Георгиевски одговори:
„Да, типичен пример е Тито.“
Судењето против Љупчо Ѓоргиевски влезе во завршна фаза, а денеска се очекуваа завршните зборови. Иако бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ беше избришан од регистарот, неговите активности продолжија под друго име – „Еднаква роза“, на истата адреса во Еврејското Маало во Битола.