Лишени од слобода три лица поради разбојништво во Скопје, украденото вратено на сопственикот
На 4 мај 2025 година, скопската полиција лиши од слобода три лица, државјани на Република Турција, поради сторено разбојништво. Станува збор за О.А.Б. (19), К.И. (19) и Е.Х.Б. (20), сите студенти со регулиран привремен престој во Република Северна Македонија.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, на 3 мај околу 23:40 часот, 54-годишниот И.Р.К. од Скопје пријавил дека бил нападнат додека извршувал работни задачи како таксист. Настанот се случил на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, каде трите лица што ги превезувал во службеното такси возило, физички го нападнале, а едниот од нив му го одзел мобилниот телефон и потоа сите побегнале.
Полицијата веднаш постапила по пријавата и по преземените мерки и активности, ги пронашла и лишила од слобода осомничените лица. Притоа, украдениот мобилен телефон бил пронајден и вратен на сопственикот.
Против О.А.Б., К.И. и Е.Х.Б. е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, за кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 од Кривичниот законик.