09 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Полициските службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, под сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг, лекарот З.Ш. (43) од село Слупчане, општина Липково. Настанот, кој ја потресе јавноста, се случи во понеделникот вечерта во Куманово.
Според информациите од МВР, во текот на истрагата на разговор биле повикани уште шест лица, а по судска наредба бил извршен претрес во домот на Б.С. (50) од Куманово.
По целосното документирање на случајот, против А.А. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Освен неа, обвинение ќе следува и за Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи дека бил директен извршител на нападот. Тој моментално е во бегство, а полицијата интензивно трага по него во координација со Основното јавно обвинителство.
По излегувањето од болница, лекарот З. Шаини за првпат јавно се огласи во врска со вооружениот напад. Тој го опиша настанот како „кукавички напад“ од маскирани лица и побара истрагата да се спроведе без политички влијанија.
„Вчера бев нападнат на кукавички начин од маскирани лица. Сакам да ве уверам дека немам непријателство со никого, ниту сум ја допрел нечија чест или семејство – за тоа ми е сведок само Бог,“ изјави тој за порталот Алмакос.
Шаини додаде дека иако нападот се случил во период на изборна кампања, не сака настанот да добие политичка конотација:
„Ги молам органите на редот да го расветлат случајот што е можно побрзо,“ рече тој.
МВР информира дека истрагата продолжува со целосно разјаснување на мотивите и можните соучесници. Органите на прогонот најавија дека ќе бидат извршени дополнителни вештачења и распити.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, особено поради фактот што главна осомничена за организирање на нападот е токму сопругата на жртвата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден