04 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Партијата Левица остро реагираше на Министерството за образование и министерката Весна Јаневска, обвинувајќи ја за „целосна неспособност и игнорантски однос“ кон средношколците од Ресен, кои на самиот почеток од новата учебна година останале без организиран превоз.
Според партијата, средношколците се оставени на цедило, без линии до Битола и Охрид, а единствената понудена опција е сместување во интернат. Левица тврди дека условите таму се нехумани, со недостаток на вода и околности што се „под секое достоинство“. Дел од учениците одбиле да престојуваат во интернатот токму поради овие услови.
Дополнително, според строгите правила на Министерството, учениците мораат најпрво да аплицираат за прием во интернат според критериуми за оценки и приходи, а само ако бидат одбиени, имаат право на надомест за превоз – кој сепак е бескорисен, бидејќи автобуски линии нема.
Левица обвини дека со ваквата политика власта практично ги казнува оние што сакаат да се образуваат, ставајќи ги родителите под дополнителен финансиски притисок. Наместо безбедни и достапни услови за сите, младите се принудени да плаќаат превоз од свој џеб или да живеат во средина што е штетна за нивното здравје и достоинство.
„Образованието станува привилегија за малкумина, а не право за сите“, наведуваат од партијата.
Левица го прозва и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, оценувајќи дека е должен „во најбрз рок“ да обезбеди превоз за учениците. Тие додаваат дека со оваа политика владејачката елита на ДПМНЕ штеди на младите, додека „расипнички троши за свои привилегии“, испраќајќи порака до младите што побрзо да ја напуштат државата.
Партијата потсетува дека проблемот со ученичкиот превоз не е ограничен само на Ресен. Родителите од Демир Хисар веќе протестираа поради укинувањето на превозот за нивните средношколци, а со истиот проблем се соочуваат и учениците од Битола и околните места.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден