17 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Обвинителката Ленче Ристоска, поранешна членка на Специјалното јавно обвинителство, остро реагираше на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ насловено „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“. Таа смета дека ваквиот настап на партијата претставува обид за притисок и заплашување врз јавен обвинител кој моментално постапува по предмети во кои е засегната самата партија.
„Постапувам по два предмети со кои е засегната политичката партија ВМРО-ДПМНЕ – еден каде партијата е обвинета за перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист прибавена со кривично дело. Двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука се замрзнати партиското седиште и уште 68 недвижности опфатени со обвиненијата“, изјави Ристоска.
Обвинителката додаде дека соопштението не е обична политичка критика, туку намерен обид за влијание врз нејзината работа. Во него, според неа, се користат пораки кои асоцираат на заплашување, како што се „крај“ и „време на вистинска правда“.
„Ова е уште еден во низата напади на кои сум изложена изминатиот период“, изјави таа, додавајќи дека објавата содржи невистинити и навредливи тврдења — дека нејзиното професионално делување било под влијание на политички структури, дека самата си исплаќала бонуси и користела службени картички, како и дека ја симболизира моралната деградација на обвинителството.
Ристоска најави дека ќе бара ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извини во рок од седум дена или да ги докаже тврдењата. „Во спротивно, ќе поведам постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против правното лице кое го објавило текстот“, порача таа.
Обвинителката потенцира дека како јавен обвинител има право и должност да реагира кога се загрозува независноста на обвинителството, владеењето на правото и принципот на поделба на власта.
„Мојата работа секогаш е насочена кон заштита на јавниот интерес, без разлика кој е сторителот на кривичното дело. Борбата против криминалот не зависи од тоа кој е на власт“, заврши Ленче Ристоска.
Само што ни тргна: „Трансавиа“ ги укинува летовите меѓу Скопје и Амстердам
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден